Третата студиска посета на BioVill се одржа од 16 до 18 мај 2017 година во јужниот и југоисточниот дел на Баварија. Започна со посета на неколку биоенергетски села и иницијативи во округот Еберсберг, југоисточно од Минхен, понатаму продолжи со биоенергетските иницијативи во Штајнгаден и Кемптен / Алгој, а подоцна и со биоенергетското село Вилдполдсрид и заврши со презентација на баварската компанија REHAU (за производство на полимерни цевки за мрежи за греење) и посета на мрежата за централно греење во Ватерсдорф (Бух ам Ерлбах) во северниот дел на Минхен. Врз основа на препораките дадени од учесниците на претходните студиски посети, главниот фокус беше ставен на планирањето и инсталирањето на мрежата за греење. Со оглед на состојбата во партнерските села, уште еден приоритет беа системите за греење на дрво, како и комбинираното производство на топлинска и електрична енергија од анаеробна дигестија (биогас) и гасификација (синтетички гас).

Учесниците се запознаа со проблемите и предизвиците со кои иницијаторите се соочувале на почетокот на процесот на имплементација на проектите и како истите ги решавале. Во тој поглед, сите презентери ја истакнаа важноста на силната вклученост на граѓаните уште од самиот почеток, на пример преку јавно информирање и кампањи за зголемување на свесноста, но исто така и преку учество во акционерски и инвестициски модели. Понатаму, беа дискутирани и проблемите во подоцнежната фаза на проектите, на пример одржувањето, истекувањето на повластените тарифи и промените на рамковните услови. Финансиските аспекти на проектите повторно играа голема улога во дискусиите.

Сѐ на сѐ, учесниците беа задоволни од програмата и организацијата на третата студиска посета во Баварија / Германија. Тие интензивно ги користеа презентациите и разговорите со германските експерти за да дискутираат околу германските примери, но и за можното пренесување на презентираните искуства во нивните заедници. И покрај вообичаената работна пролет за земјоделците и шумарите, партнерите на BioVill повторно мотивираа голем број чинители од избраните целни села. Некои од нив учествуваа веќе по вторпат и на тој начин беа во можност да ги споредат различните биоенергетски концепти презентирани во текот на студиските посети и да извлечат заклучоци за развој на сопствените биоенергетски концепти. Вкупно, 24 учесници присуствуваа на студиската посета која беше заеднички организирана од WIP и GIZ.