Оваа секција од веб-страницата на проектот BioVill претставува колекција од често поставувани прашања (ЧПП) кои се однесуваат на концептот на едно биоенергетско село и развојот на самиот проект, а се добиени од заинтересирани граѓани и чинители во рамките на локалните информативни точки во целните зедници на BioVill во Македонија, Романија, Словенија, Србија и Хрватска. Оваа колекција не е конечна. Доколку имате дополнителни прашања, Ве молиме да ги контактирате соодветните претставници во локалните информативни точки, преку податоците оставени на линкот: http://www.biovill.eu/bioenergy-villages/bioenergy-village-in-macedonia/.

1.     Што е биоенергетско село?

Биоенергетско село е село, населба, заедница, општина или дел од општина, каде што најголемиот дел од потребите на енергија се задоволуваат преку локални извори на биомаса добиени од земјоделството, шумарството и отпадот, како и од други обновливи извори на енергија. За да се осигура снабдувањето со топлинска и електрична енергија, биоенергетските села вообичаено користат повеќе технологии со различен обем, на пример, котли на дрвени деланки (дрвен чипс), печки на пелети, котли на огревно дрво, постројки на биогас, комбинирани постројки за топлинска и електрична енергија кои користат дрвен чипс или биогас итн. За да се дистрибуира топлинската енергија до потрошувачите, најголем дел од објектите во заедницата се поврзани на мрежа за централно греење.

За повеќе информации погледнете го анимациското видео на проектот BioVill: https://www.youtube.com/watch?v=v2YI6G63oXk

2.     Кои се целите на потенцијалните биоенергетски села во проектот BioVill?

Одделните цели на селата се заеднички подготвени од клучните актери во секое село (главно локалната работна група) и се специфицирани во стратешките цели на биоенергетското село. Ови документи се достапни во локалните информативни точки во селата или линкот: http://www.biovill.eu/bioenergy-villages/.

Општите цели на едно биоенергетско село ги вклучуваат следниве аспекти:

·         биомасата се произведува локално и на одржлив начин,

·         снабдувањето со електрична енергија од локални обновливи извори на енергија е најмалку колку потребите на енергија на селото,

·         потребите на топлинска енергија се задоволуваат преку локално произведена биомаса или други обновливи извори на енергија,

·         бизнис-моделот на селото им дозволува на потрошувачите, земјоделците и сопствениците на шуми да станат и заеднички сопственици на инсталациите во селото и

·         создавањето на едно биоенергетско село се заснова на високо ниво на учество на јавноста.

3.     Кои се примери на најдобри практики за биоенергетски села?

Постојат повеќе добропознати примери на најдобри практики за биоенергетски села, особено во Австрија и Германија, каде што за првпат е развиена идејата и концептот на биоенергетско село. Подолу се неколку примери:

Австрија

·         Bruck an der Leitha: www.energiepark.at (на германски јазик)

·         Güssing: www.eee-info.net (на германски јазик)

·         Joglland: www.klimaundenergiemodellregionen.at (на германски јазик)

·         Kötschach-Mauthen: www.energie-autark.at/show_content2.php?s2id=276 (на англиски јазик)

·         Mureck: http://www.seeg.at/ (на германски јазик)

Германија

·         Grosselfingen: https://www.grosselfingen.de/,Lde/Bio+Energie.html (на германски јазик)

·         Oberharmersbach: http://www.buerger-energie-oberharmersbach.de/index.html (на германски јазик)

·         Schlöben/Thuringia: https://bioenergiedorf.schloeben.de/bioenergiedorf/ (на германски јазик)

·         Tangeln/Saxony-Anhalt: www.facebook.com/lu.tangeln (на германски јазик)

·         Untermaßholderbach: http://www.untermassholderbach.de (на германски јазик)

За повеќе информации Ве молиме погледнете ја брошурата со примери на најдобри практики подготвена од проектот BioVill (Deliverable D2.1): http://www.biovill.eu/results/biovill-publications-en/.

4.     Како може да започне еден биоенергетски проект?

Секое село/населба/заедница/општина мора да го пронајде својот пат на развој на биоенергетски проект и да стане биоенергетско село. Сепак, жителите можат да следат некои општи препораки за основните начела при развој на биоенергетско село:

·         идентификување на локални лидери кои ќе основаат главна работна група на граѓани што ќе ги започне првите чекори и ќе ги мотивира и другите граѓани да се приклучат,

·         креирање на доверба и прифаќање на идејата на проектот од заедницата и вклучување на што е можно повеќе граѓани уште од самиот почеток,

·         прецизно анализирање на ситуацијата, правење реалистични претпоставки и пресметки и пренесување на конкретни факти и опции до граѓаните и чинителите и

·         комбинирање на активностите со други инфраструктурни активности во заедницата и користење на постојни програми за поддршка и надворешна експертиза.

Секој кој има идеја може да започне проект за биоенергетско село. Обично граѓаните кои живеат во заедницата се главните двигатели кои ја покренуваат енергетската транзиција во заедницата. Многу често, локалните лидери или мала група на лица преземаат првична акција за да го започнат процесот. Ова значи дека процесот на развој на едно биоенергетско село би требало да биде процес оддолу-нагоре, односно да биде поттикнат и применет од самите граѓани.

5.     Кои се ризиците и предизвиците за успешно воспоставување на едно биоенергетско село?

Еден од најкритичните фактори во развојот на едно биоенергетско село е да се најде изводлив бизнис-модел и да се вклучат/искоординираат сите релевантни актери во вредносниот синџир (на пр. производителите и преработувачите на дрво, производителите и снабдувачите на топлинска енергија, потрошувачите, општината итн.).

Други главни ризици и предизвици за успешно основање на едно биоенергетско село се:

·         недоволен интерес на потенцијалните потрошувачи на биоенергија (граѓани, компании, јавни институции итн.),

·         недостиг на локални лидери, на пр. за иницирање и предводење на развојот на проектот,

·         недостаток на искуство на клучните чинители (администрацијата, финансискиот сектор, граѓаните, експертите) во биоенергетски проекти (на пр. банките не се подготвени да                        даваат заеми наменети за биоенергетски инвестиции),

·         административни потешкотии/пречки, на пр. недостаток на поддршка од општината/локалната администрација при стекнувањето на потребните дозволи и

·         недостиг на релевантни инструменти за финансирање/поддршка (банкарски заеми, кредитни линиии со приоритетен интерес и грејс периоди, национални и европски                                    програми).

6.     Кој одлучува кои објекти ќе се приклучат на мрежата за централно греење?

Во седумте пробни села на проектот BioVill, одлуката беше донесена од локалните лидери и/или од работната група врз основа на претходно собрани податоци и направени анализи. Соодветните студии се достапни и можат да се проверат во локалната информативна точка. Собирањето на детални и прецизни податоци за достапните локални и регионални биоенергетски потенцијали, за моменталните локални и национални услови и за разработка на првичните технички и економски проценки, се важни чекори за успешно иницирање на биоенергетското село. Без потврдливи факти и јасни аргументи кои даваат можни решенија и ги претставуваат придобивките пред граѓаните, oпонентите на идејата не можат да бидат убедени и можат да го кочат целиот процес. Обично, мрежите за централно греење овозможуваат приклучоци на нови заинтересирани потрошувачи на топлинска енергија, но само доколку нивното приклучување е економски и технички остварливо за целиот систем.

7.     Какви дозволи и правни процедури се потребни за основање на едно биоенергетско село?

Основањето на едно биоенергетско село е сложен процес. Вклучува неколку фази, на пр. планирање, изградба, работење, одржување и зајакнување, за кои треба да се следат правни процедури и да се добијат различни дозволи, на пр. планска документација, дозволи за градба, специфични технички и околински барања. Сите овие прописи зависат од постојната правна рамка во соодветната земја.

Со цел да се искористат фондовите на Европската Унија и други меѓународни програми за поддршка, потребно е да се подготви целосна проектна документација и да се добијат сите потребни дозволи, вклучувајќи:

·         аплицирање на тендери за грантови наменети за изработка на проектна документација,

·         изработување на проектна документација и

·         добивање на потребни дозволи (локални дозволи, дозволи за градба, внесување на парцелите кои се користат за цевководите на системот за централно греење во катастар).

8.     Кој е највообичаениот бизнис-модел на едно биоенергетско село?

За успехот на едно биоенергетско село важно е да се препознаат различните иницијативи во селото кои ќе придонесат кон опшатата цел за енергетска независност. Веќе постојните биоенергетски села користат разновидни бизнис-модели и форми на организација, на пр. енергетски задруги, јавно-приватни партнерства и јавни претпријатија. Покрај тоа, приватни иницијативи и инвестиции, на пр. друштва со ограничена одговорност и граѓански здруженија ги зголемуваат постојните можности. Идеално, снабдувачите на биомаса и потрошувачите на енергија се заеднички сопственици на биоенергетските инсталации. Партиципативни пристапи, на пр. граѓански/кориснички задруги се повеќе од прифатливи, заради директното учество на граѓаните, еднаквото право на глас помеѓу членовите и големата транспарентност на одлуките. Целта на моделот не е да ги максимизира приходите, туку да осигура дека сите жители на селото ќе имаат корисст од инвестициите и од зголемената благосостојба и развојот на заедницата во самото селото и околниот регион.

За подетални информации околу возможните бизнис-модели Ве молиме проверете ја публикацијата »Guideline on financing options, contracts, ownership models and business models for bioenergy villages« на веб-страницата на BioVill: http://www.biovill.eu/results/biovill-publications-en/ (Deliverable D 5.1)

9.     Што е локална работна група за биоенергија? Кои се членовите? Може ли сѐ уште да се приклучам на групата?

Иницијаторите на биоенергетските проекти и/или главните чинители во селото можат да основаат локална работна група за биоенергија, со цел да ja предводат иницијативата и процесот на имплементација на биоенергетското село, да дискутираат различни аспекти и да носат одлуки, да разработат технички концепти и да направат пресметки, како и да го промовираат проектот во селото и пред локалните, регионалните и националните власти. Секој кој е заинтересиран да ги поддржи биоенергетските проекти може да се приклучи и да учествува во локалните работни групи. Ве молиме контактирајте го локалното одговорно лице во локалната информативна точка или националниот партнер на BioVill. За повеќе информации околу локалните информативни точки и националните партнери Ве молиме проверете ја веб-страницата на BioVill – секција Биоенергетски села – Локална информативна точка или секцијата Партнери – Конзорциум на BioVill.

10.  Дали е потребно собраната дрвна биомаса да се преобрази во пелети?

Не, не е потребно. Постојат модерни технологии за греење кои можат да согоруваат различни форми на дрвни горива, на пр. дрвен чипс, огревно дрво и пелети. За секој биоенергетски проект, потребно е да се избере најприкладната форма на дрвно гориво согласно постојните локални услови.

11.  Дали искористувањето на биомасата е скапо?

Економските предности при користењето на локалната биомаса за производство на енергија зависат најмногу од локалните услови и потребно е прецизно да се анализираат пред да се инвестира во замена на гориво или нови биоенергетски технологии. Како и да е, многу примери на најдобри практики покажуваат дека користењето на локалната биомаса за биоенергетско производство може да биде поекономично отколку постојните решенија засновани на фосилни горива, на пр. гас, нафта за греење, електрична енергија или традиционалното искористување на огревното дрво. Модерните системи за греење на биомаса често нудат поголем комфор споредено со постојните технологии.

12.  Каков вид на отпад и остатоци можат да се користат за производство на биоенергија?

Модерните котли на биомаса овозможуваат користење на разни типови на дрвна биомаса. Во многу случаи, за производство на енергија може да се користи и отпадно дрво, како што се гранки, кора, струготини, како и цврсти земјоделски нус-производи како слама, стебла од пченка, гранки од овошни растенија и грмушки. Националните партнери за соработка во проектот BioVill можат да Ви обезбедат повеќе информации околу достапните технологии за производство на биоенергија (погледнете ја веб-страница на BioVill).

13.  Kои се придобивките од енергетската транзиција за заедницата и за нејзините жители? Зошто една заедница треба да биде дел од биоенергетски проекти?

Користењето на одржливи локални извори на биомаса за производство на енергија може позитивно да влијае на социјалните, економските и околинските аспекти во селата. Како на пример, производството/користењето на локални дрвни ресурси може да придонесе во создавањето на нови работни места и/или поголеми приходи за локалните сопственици на шуми, пилани и преработувачи на дрво, снабдувачи со топлинска енергија и други даватели на услуги и на тој начин да ја зајакне локалната економија заснована на биомаса. Понатаму, може да ги намали емисиите на штетни гасови, особено за време на грејната сезона. Во случај на заедничко управување со грејниот систем, дополнително може да се зајакне довербата и соработката помеѓу граѓаните во заедницата. Други придобивки од модерните системи на биомаса се: зголемена удобност во домот, помало ангажирање околу производството на сопствено огревно дрво, стабилни и предвидливи трошоци, но и независност од увозен природен гас и други фосилни горива итн.

Вклучувањето на едно село во еден биоенергетски проект носи уште поголеми предности, на пр. можности за стекнување на меѓународни искуства во полето на биоенергијата, за размена и учење од меѓународни експерти и примери на најдобри практики, како и за иницирање и зајакнување на соработката и партнерствата во и надвор од заедницата.

14.  Кои се предностите на системот за централно греење на биомаса во однос на индивидуалните системи за греење?

Системите за централно греење често нудат поекономично и покомфорно снабдување со топлинска енергија на потрошувачите споредено со индивидуалните системи за греење, бидејќи инвестициите, инсталацијата и управувањето се заеднички организирани од искусен инвеститор/оператор за поголем број на корисници. На пример, индивидуалните домаќинства не мораат да инвестираат во котел за греење или оџак. Постојните котларници во објектите можат да се ослободат за други намени. Исто така, заедничкото работење и одржување на системот од искусен оператор носи придобивки за сите потрошувачи, на пр. пониски трошоци за работа и одржување. Освен тоа, професионално менаџираната заедничка набавка на гориво може да резултира со пониски цени на горивото, а со тоа и помали трошоци за греење. Последно, но не и најмалку важно, интегрирањето на обновливата енергија во локалните системи за централно греење (или отпадната топлина од индустријата) често е полесно и поекономично за остварување, отколку кај индивидуалните системи за греење.

15.  Кои се главните економски придобивки од работењето на котли или печки на биомаса во однос на фосилни горива?

Со оглед на сѐ уште малото производство од биомаса, инвестициските трошоци за котли и печки на биомаса се често повисоки од оние на фосилни горива. Како и да е, системите засновани на биомаса имаат предности поради пониските трошоци за гориво. Годишните заштеди на трошоците за гориво обично ги надминуваат повисоките инвестициски трошоци за околу 10 до 15 години, зависно од големината на цените на нафта и гас споредено со онаа на цените на биомаса. Додека трошоците за производство на топлинска енергија од фосилни горива по kWh се типично повлијаени од уделот на трошоците за гориво (често поголем од 66%), кај трошоците за производство на топлинска енергија од биомаса доминира уделот на капиталните трошоци (често поголем од 50%). Ова значи дека зголемувањето на цените на фосилни горива повеќе ги зголемува производните трошоци кај фосилните системи отколку зголемувањето на цените на биомасата кај системите на биомаса. Затоа, системот за греење на биомаса е поотпорен (помалку ризичен) на зголемувањето на цените на горивото. Покрај тоа, во последните декади горивата на биомаса покажуваат помали промени и пониски покачувања на цените. Ако јавниот сектор помогне делумно да се компензира повисоката инвестиција, системите за греење на биомаса стануваат покомпетитивни гледано од страната на инвеститорите, што се покажува преку големиот удел на биомаса на пазарот во напредните економии на биомаса. Во Австрија, на пример, 25% од просторното греење, 35% од производството на пареа и 45% од централното греење се покриваат со горива на биомаса. Скандинавските земји бележат уште поголем удел на биомаса во задоволувањето на потребите на енергија. Ова го потврдува фактот дека биомасата има свои економски предности за секоја индивидуа, покрај социјалните, околинските и климатските придобивки.

16.  Како можат граѓаните да имаат корист од биоенергетски проект како BioVill, ако нивниот дом не се наоѓа во/близу центарот на селото и тие не можат да се приклучат на локалната мрежа за централно греење?

Со оглед на главната цел на биоенергетското село која подразбира задоволување на потребите на енергија од локалните извори на биомаса, исто така и домаќинствата кои не можат да се приклучат на локален систем за централно греење се охрабруваат да користат биоенергетски извори и да ги модернизираат своите индивидуални системи за греење. Затоа, проектот BioVill нуди информации и совети за индивидуални решенија за системи за греење во домаќинства, односно за модерни котли и печки на биомаса. Пред да ја одберете Вашата посакувана технологија за греење на биомаса, треба да ги проверите информативните материјали за модерни технологии за греење на огревно дрво, пелети и дрвен чипс, подготвени во рамките на проектот  (достапни на веб-страницата на BioVill – секција Резултати – Публикации на BioVill – Материјали за дисеминација). Освен тоа, националниот партнер на BioVill може да Ви помогне околу пресметките на трошоците за греење, притоа споредувајќи ги трошоците за различни технологии на биомаса. На овој начин, ќе можете да го одберете најсоодветното решение за Вас. Понатаму, можете да добиете и други информации околу можностите за финансирање и достапните програми за поддршка на мали и модерни котли и печки преку локалната информативна точка, но и националниот партнер во Вашата земја.

17.  Кои се типични мерки за енергетска транзиција кои се применуваат во биоенергетските села?

Типични мерки за енергетска транзиција во биоенергетските села се инсталациите на системи за централно производство на топлинска енергија од биомаса (пелети, дрвен чипс) или други обновливи извори на енергија, инсталациите на системи за централно греење, на децентрализирани системи за греење на биомаса, како и на соларни термални колектори и фотонапонски панели. Понекогаш, се користат и хидроелектрани и ветерници, како и геотермални пумпи. Доколку условите дозволуваат, проектот се фокусира на холистички пристап, вклучувајќи системи за производство на топлинска и електрична енергија, но и мерки за енергетска ефикасност, на пр. во јавни и приватни згради, со цел намалување на вкупните потреби на енергија.

18.  Како можат да се финансираат овие мерки?

Постојат различни опции за финансирање на локалната енергетска транзиција зависно од постојната правна рамка и локалните услови. Најпрво, општината може да финансира мерки за енергетска транзиција и да стане сопственик на инсталираните системи за греење. Исто така, локалните жители можат да основаат иницијатива или неков вид на организација (на пр. енергетска задруга) и да ги финансираат планираните мерки. Во двата случаја, обично се користат заеми од финансиски институции или субвенции од национални или европски програми со кои се финансираат проектите за енергетска транзиција. Покрај тоа, претпријатие кое дава јавна услуга може да ја преземе одговорноста за финансирање и управување со новиот биоенергетски систем. И конечно, трета страна, како што е ЕСКО компанија (компанија за енергетски услуги), може да биде вклучена и целосно да ги финансира проектите.

19.  На кој начин снабдувачот со енергија ja врши наплатата за дистрибуција на енергија?

Вообичаено, потрошувачот на топлинска енергија плаќа надоместок за приклучок за време на склучување на договорот со снабдувачот. Понекогаш, може да се договори и плаќање на рати како основен надоместок во текот на целиот период од договорот, што ќе ги вклучува сите фиксни трошоци (капитални трошоци и трошоци за одржување). Испорачаната топлинска енергија се пресметува како производ од договорената цена по kWh и измерената годишна потрошувачка на топлинска енергија. Многу договори за дистрибуција на топлинска енергија исто така вклучуваат и клаузули за прилагодување на цената кои ги земаат предвид промените на цените на релевантните горива, оперативните трошоци и трошоците за одржување.

20.  Каде може да добијам повеќе информации доколку сум заинтересиран/а за основање на систем за централно греење?

Вклучувањето и учеството на широк опсег на локални чинители, носители на одлуки и потрошувачи е клучно за успехот на еден систем за централно греење во едно биоенергетско село. Затоа, доколку сте заинтересирани за основањето на еден таков систем, потребно е уште на самиот почеток да ги контактирате релевантните чинители и носители на одлуки во Вашата општина. За повеќе информации околу постојните системи за греење, достапните технологии и научените лекции од процесот на имплементација на пристапот на биоенергетско село во целните заедници на BioVill, Ве молиме контактирајте ги соодветните претставници на локалните информативни точки (http://biovill.eu/bioenergy-villages/bioenergy-village-in-macedonia/).

21.  Каде можам да најдам повеќе информации за студиите на пред-изводливост за планираните системи за централно греење во целните заедници на BioVill?

За повеќе информации околу резултатите од студиите на пред-изводливост за планираните системи за централно греење во целните заедници на BioVill, Ве молиме проверете го документот »BioVill D4.2 Report on the opportunities to set-up biomass based CHP plants and small district heating networks in the target villages« на веб-страницата на BioVill – секција Резултати – Публикации на BioVill – Испораки (Deliverables).

22.  Дали постојат субвенции за искористување на биоенергетски извори во мојот регион?

Достапноста на субвенции и шеми за поддршка за искористување на обновливи извори на енергија се разликуваат од земја до земја, а понекогаш и од регион до регион. За повеќе информации околу ситуацијата во целните земји и региони на BioVill, Ве молиме проверете го документот »BioVill D2.7 Reports on regional and local framework conditions in the target villages« на веб-страницата на BioVill – секција Резултати – Публикации на BioVill – Испораки (Deliverables).

23.  Каде можам да дознаам повеќе околу анкетата со граѓани за нивните визии и идеи?

Резултатите од анкетите со граѓани на целните заедници на BioVill се претставени во документот »BioVill D3.6 Survey with citizens on their visions and ideas about the set-up of bioenergy villages in Croatia, Macedonia, Romania, Serbia and Slovenia« кој може да го најдете во соодветното поглавје за Вашата земја на веб-страницата на BioVill – секција Резултати – Публикации на BioVill – Испораки (Deliverables).