Што е биоенергетско село?

Биоенергетско село е населба, село, општина или заедница која произведува и користи енергија најмногу од сопствената биомаса и други обновливи извори на енергија. Биомасата од шумарството, земјоделството, како и отпадната биомаса, се употребува во биоенергетското село за производство на електрична енергија и топлина. Овој концепт вообичаено се применува преку неколку технологии, како што се: котли на дрвени чипсови, печки на пелети, котли на цепени дрва, централи на биогас, комбинирани постројки за топлина и електрична енергија кои користат дрвени чипсови итн. Покрај тоа, концептот на биоенергетско село вклучува и мерки за енергетска ефикасност. Главната цел на биоенергетското село, покрај поддршката на користењето на обновливи извори на енергија и позитивните ефекти за животната средина и климата, е да ја зајакне локалната економија.

Учеството на голем број на локални чинители и потрошувачи е клучно за успехот на биоенергетското село. Идеално, снабдувачите на биомаса и потрошувачите на енергија се заеднички сопственици на потребните инсталации. Концептот за биоенергетски села е развиен преку засегнати граѓански движења кои имаат за цел да придонесат во намалување на влијанието на енергетскиот сектор врз животната средина. Иницијативите како Jühnde во Германија, Güssing во Австрија и Samsø во Данска се добропознати биоенергетски села кои имаат придонесено за развојот на овој концепт. Денес, постојат неколку стотици вакви села во овие земји.

Кои се целите на биоенергетското село?

Не постои официјална дефиниција за биоенергетско село вклучена во законодавството. Сепак, неколку проекти и мрежи ги опишуваат клучните параметри на биоенергетското село. Целите вклучуваат:

  • биомасата да се произведува локално и на одржлив начин,
  • снабдувањето со електрична енергија од локалните обновливи извори на енергија да изнесува најмалку колку потребите за енергија во селото,
  • потребите за топлина да се задоволуваат преку локалната биомаса или други обновливи извори на енергија,
  • бизнис-моделот да им дозволува на потрошувачите, фармерите и сопствениците на шуми да станат заеднички сопственици на инсталациите и
  • создавањето на биоенергетското село да се базира на учество на голем број чинители.